Македонија
    |         |         |    
BSP_winter_hair_care

Зимска нега на косата

Ден со лоша фризура? Ете, и тоа се случува, но во текот на зимата може да трае со месеци! Ветерот, снегот и ледениот студ може да ја оштетат вашата коса, исто како и претоплиот воздух во затворен простор. Првут, сплескана и наелектризирана коса, расцветани врвови, кршливи прамени и суви локни – тоа се најчестите проблеми кои може да ги очекувате во ова време од годината. Но не плашете се! Еве ги решенијата!

1.    Носењето капа ја штити вашата коса од студ и ветер, но никој не сака сплескана коса. Затоа, за да ја избегнете оваа појава, обидете се да ја замотате косата во свилена шамија –  пред да ја навлечете волнената капа или без неа. Така се спречува статичкиот електрицитет и се штити косата од оштетувањата предизвикани од триењето.

2.    Најважната работа која можете да ја направите за време на студените месеци е да ја зајакнете обновата на косата со редовно користење на интензивен дневен регенератор. Задржете ја влажноста со измивање на косата со студена вода. Со тоа косата добива дополнителен сјај.

3.    Најдоброто решение за расцветаните врвови е честото потстрижување на косата, како и употребата на соодветен производ, на пример серум за коса или масло, кои значително помагаат во намалувањето на појавата на расцветани врвови. Редовното кратење секои шест до десет недели (во зависност од должината) е одличен начин да го зачувате здравјето на косата.

4.    Зимите предизвикуваат сушење и чешање на скалпот, а со мала влажност на воздухот, тој ќе биде многу сув и ќе почне да се лупи, предизвикувајќи појава на првут. Изберете ги соодветните производи за да се справите со проблемот. Алтернативно, може да изберете потполно природен третман: нанесете лимонов сок на вашиот скалп, втривајќи го рамномерно, а потоа загрејте две кафени лажички маслиново масло и полека вмасирајте ги. Оваа бавна масажа помага маслото да навлезе длабоко во коренот. Загреаното маслиново масло за масажа дава дополнителен сјај на косата и го отстранува првутот и виткањето, додека истовремено ја контролира кршливоста.

5.    Запомнете дека во зима, вашата коса може да биде посува и нееластична, а со тоа и почувствителна. Обидете се да одбегнувате предолго четкање на косата или користете специјална четка која ќе биде нежна со неа. Никогаш, баш никогаш, не излегувајте со влажна глава. Не само што вашата мајка ќе вика по вас, туку истовремено ризикувате и кршење на косата. Ако косата замрзне, ризикот од нејзино кршење е голем!

6.    Во зима, ограничете ја употребата на фен и пегли за виткање на косата, бидејќи дополнително ја сушат. Ако навистина мора да ги користите, најпрво употребете регенератор кој не се плакне. Издувајте ја со помала топлина, концентрирајќи се на коренот.

7.    За доброто на вашата кожа и коса, размислете за можноста од набавка на навлажнувач на воздух. Веројатно мислите дека влажноста значи извиткување на коса, но кога е вклучено греењето, воздухот во вашиот стан станува многу сув. Навлажнувачот може да помогне со додавање влажност на воздухот, со што се елиминира статичкиот електрицитет.

Овие едноставни чекори и совети би требало малку да ви помогнат. Запомнете – што и да правите со вашата коса, бидете нежни! Многу среќа со одржувањето на убава и здрава коса во зима!