Македонија
    |         |         |    
BSP_Sharapova

Мириси со заводлива моќ

Покрај изгледот и карактерот, има и нешто друго што нè прави атрактивни кон спротивниот пол – мирисот. Неговата заводлива моќ е позната многу години, а денес на големо се користи и во парфимеријата. Дознај кои мирисни ноти ја шират мистичната аура на привлечноста. 

Заводливата моќ на мирисите може идеално да се набљудува во светот на животните. Не е тајна дека животните се парат интуитивно, врз основа на природниот мирис кој го произведуваат. Можеби ќе се изненадиш, но истото се однесува и на луѓето, иако нашето сетило за мирис не е толку чувствително како кај животните. Природните мириси на телото се хемиски соединенија кои најчесто се нарекуваат феромони, а според некои истражувања, тие ја рефлектираат нашата емотивна состојба и потсвесно ни помагаат да го пронајдеме совршениот пар. Некои производители дури и создаваат мириси кои го засилуваат нашиот природен телесен мирис, со цел да чувствуваме поголема привлечност. 

Покрај природниот мирис на телото, заводливи карактеристики исто така имаат и многу други мириси од природата кога ќе се помешаат со кожата и стануваат вистински афродизијак. Мирисите со заводлива моќ најчесто се слатки и содржат некои животински нишки. Еве неколку примери: 

Ванилата може да се опише како слатка и мека арома со интензивна, дури животинска нишка. Таа е топол мирис кој исто така се користи и во ароматерапијата, и ги стимулира и мажите и жените. Порано дури се препишувала и како лек кој им помагал на мажите да го поткренат своето либидо.

Јасминот е слатка цветна нота која содржи и сензуална нишка. Тој стана заштитен знак на Клеопатра и вечен симбол на привлечноста. Често се нарекува „кралот на етеричните масла“ бидејќи е состојка која одговара и на машкиот и на женскиот пол. Неговиот нестварно сладок и топол мирис помага во разрешување на емоционалните бариери и ја поттикнува интимноста.

Мошус е мирис кој ја реплицира миризбата која ја испуштаат жлездите на еленот мажјак со цел да привлече женка за парење. Неговата телесна арома е неверојатно сензуална и ги буди сите сетила. Мошусот најчесто е во основните ноти на мирисот. 

Иланг-иланг се добива од цветовите на тропските дрвја кои потекнуваат од Филипините и имаат богата слатка и цветно-балзамична арома. Претставува вид на афродизијак кој остава долготрајна импресија, поттикнувајќи ги чувствата на страст. Истовремено има и смирувачки и релаксирачки карактеристики поради кои го прават совршена состојка за ароматерапија. 

Лавандата е позната со векови и била употребувана уште од Клеопатра за да го заведе Цезар. Често се става во фиоки и плакари за да им даде на алиштата пријатен мирис, а во последно време популарно е и нововенчаните да стават лавнда под перницата за да им ја поттикне страста.

Пачули, силен афродизијак кој е за пософистициран вкус. Највеќе се популаризираше во хипи времето на љубовта и стана најсимболичниот мирис за тој период, иако бил познат и уште од многу поодамна. Мирисот има богата земјена арома. Покрај во парфемите, исто така се користи и во етеричните масла. 

Роза, едноставно не постои поромантичен цвет од овој. Неговиот мирис може да ти овозможи убаво и нежно сеќавање од твојот прв состанок за Денот на вљубените. Неговите ливчиња кријат богат мирис кој може да се пофали со многу разлини цветни и лиснати нишки. Позната е уште од античките времиња и се користела за да ги привлече жените. Сè до ден денес се користи и како етерично масло и претставува многу романтична состојка за во бањата.

Доколку сакаш да ги провериш заводливите моќи на овие состојки, треба да го одбереш вистинскиот парфем. Иако интуитивно секогаш одбираме парфем кој одговара на нашиот природен телесен мирис, исто така често сакаме да го послушаме мислењето и на другите луѓе, но тоа знае да биде и погрешно. 

Доколку сакаш мирисот да ти трае подолго, не само во шишенцето туку и на телото, користи го ефкасно. Нанесувај го на најтоплите делови од телото како вратот, зглобовите на рацете и позади ушите со што ќе го продолжиш неговото траење. Исто така, мирисот можеш да го нанесеш и на косата и ќе се изненадиш колку долго ќе се задржи и колку интензивен ќе биде. Меѓутоа, биди внимателна, бидејќи прекумерната употреба на парфем може да создаде контра ефект и ќе направи да бидеш помалку атрактивна. 

Сега кога ги знаеш тајните на заведувањето, користи ги во твоја корист. Добар избор на парфем не само што ќе го привлече спротивниот пол, туку ќе направи и да се чувствуваш удобно во твоја кожа и ќе ја поткрене твојата самодоверба и привлечност