Македонија
    |         |         |    
BSP_winter_hair_care

Напорната работа носи патувања за паметење!

Амбасадорот на Хуманоста и Зоналниот Менаџер на Зона 6 во AVON Македонија неодамна беше наградена со патување во Јужна Африка како резултат на големите успеси во работата. Таа во AVON Македонија е цели 11 години, а функцијата Зонален менаџер ја исполнува од 2011-та година

Личниот труд, пресликан во управувањето со солиден и обучен тим за продажба кој функционира беспрекорно и монолитно, придонесе младата и скромна Марида Цигарида, да освои престижни награди кои се резервирани само за најдобрите во регионот. Веќе втора година, таа гордо ја носи титулата “Амбасадор на Хуманоста”, за постигнати особени резултати во продажбата на производи од линијата со розова панделка, чии средства AVON ги донира за проекти насочени кон борбата против ракот на дојката. Но, нејзините залагања во сферата на хуманото не застануваат тука. Таа со својот личен активизам и залагање во настојувањата за подигањето на свесноста за превенцијата од ова болест, е пример за вистински промотор на хуманоста.

Покрај успесите на планот на хуманите акции, таа по вторпат се закити со уште една престижна титула – Најдобар Зонален Менаџер за 2015 година, кое ја одведе во Јужна Африка! За сите љубители на адреналинот и на далечните дестинации, Марина ги споделува личните искуства од егзотичното патување:“Патувањето “Circle of Excellence” е наградно патување за најдобрите Зонални Менаџери од Централна Европа. Свои претставници на ова патување имаа и Бугарија, Србија, Албанија, Романија, Хрватска, Украина, Молдавија, Босна и Херцеговина. Со оглед на тоа дека ова е мое второ патување како најдобар зонален од Македонија (првото беше во 2013-та година во Хонг Конг) можам само со воодушевување да кажам дека овојпат организацијата беше на уште повисоко ниво, со одлична програма, многу активности за анимирање и секако - поткревање на адреналинот!”Како највпечатливи моменти од патувањето, Цигарида ги издвојува:

“Посетата на Националниот Парк Pilanesberg, каде дури трипати имавме можност да одиме на незаборавно сафари-доживување, буквално да се споиме со прекрасната природа која е главно обележје на шареноликата Јужна Африка и да се почуствуваме слободни во центарот на уникатниот животински свет. Бевме очи во очи со лавови, жирафи, куду антилопи, слонови, нилски коњи. Следната авантура беше искачувањето на Table Mountain, во чие подножје е сместен Cape Town. Планина која се смета за едно од постоечките светски чуда на природата, е карактеристична поради тоа што на врвовите завршува како рамнина и потсетува на распространета „маса“ (table). Видикот од таа надморска висина кон величествениот Cape Town, додека сте послужени со најубави канапеи и најскапо шампањско, ќе ми остане засекогаш во сеќавање. На моја особена радост, ја посетивме и една од најстарите винарии во Јужна Африка, која покрај најквалитетно какао и кафе, позната е и по најквалитетни вина. Винаријата е стара речиси два века и имавме можност да уживаме во дегустирање на најубави вина, но и да уживаме во раззеленетата околина со богати гроздови полиња.”Адреналинот и возбудата е неизбежен дел од ваквите патувања, истакнува Цигарида.

“Како најголемо изненадување кои ни беше приредено ќе ми остане возењето со Harley Davidson покрај Атлантскиот Океан. За секој од нас беше предвиден по еден професионален моторџија кој беше задолжен да нѐ вози долж крајбрежјето на Атлантикот, додека сите ние го доживувавме врвот на адреналинско полнење. Сцената беше тотално филмска, со ветер во коси и чувство на потполна слобода.Пловењето среде Атлантскиот Океан, наспроти брановите повисоки од два метри кои директно ти плискаат во лице, до моментот кога пред тебе грандиозно се појавува Р’тот на Добра Надеж, најјужната точка каде се пресекуваат Атлантски со Индиски Океан, беше авантура резервирана само за најхрабрите!”

Сепак, врвот на среќата и задоволството е моментот на доделувањето на наградите.“Гала вечерата за најдобрите Зонални Менаџери е настан кој реално за да се опише – треба да се доживее. Се чувствувате како ѕвезда од Холивуд, од хотелот ве земаат со лимузина во која се служи шампањско, што повеќе би можеле да посакате? Настанот се случуваше во прекрасно декорирана сала, со национални елементи и традиционална музика и танци за анимирање и уживање, како увертира за Церемонијата на доделување на наградите. Моментот кога ќе бидете повикани на сцена, кога ќе ви ја врачат наградата (во мојот случај тоа беше специјално гравиран прстен со логото 4А) можам да го споредам со доделување на олимписки медал! Тогаш, освен што добивате директни пофалби од страна на Регионалниот Менаџер за продажба, Елизабет Коробченко, неизмерно си благодарите што сте издржале во освојувањето на уште една битка, да излезете како победник пред себе и да се гордеете со вашиот тим. Едноставно, посакувате целиот тим да е таму со вас на сцената и заеднички да прославите.”

Спомените за Јужна Африка ќе останат засекогаш, а фотографиите од патувањето ќе претставуваат енергија и мотив за освојување на некои идни дестинации.